Традиционално и оваа година во ЈУ. Детскиот културен центар-„Карпош“ беше отворена изложба на цртежи и честитки изработени од најмалите, децата од предучилишните установи од Скопје.
Изложбата на детските творби се одржа по повод празникот 8 Март - Меѓународен ден на жената и е дел од музичко креативниот настан „Играм и пеам за мојата мајка“.
На наша покана, од градинките пристигнаа прекрасни ликовни творби кои ги изработија најмалите, децата од скопските градинки. Преку нивните творби (честитките и цртежите) се рефлектираа нивните чисти и нежни чувства и нивната креативност, но и како децата ја замислуваат својата мајка-жена и која е нејзината улога во нивниот живот.
Покрај изложбата за децата од градинките беше организирана и пригодна програма. Оваа година гостинка во ДКЦ - Карпош беше Јасмина Атанасова-Симјаноска ‒ првата единствена дипломирана оџачарка во државата. Јасмина е дипломиран архитект, енергетски контролор, судски проценител на недвижности, автор на учебници, автор на поезија и проза, а од 2016 година и дипломирана оџачарка. Јасмина во разговор со најмалите го сподели своето искуство, одговараше на прашања и им образложи дека секоја жена може да биде успешна во било која професија за која ќе се определи.
„Оџачарот носи среќа-Оџачарката носи дупла среќа“
Изложбата беше отворена во просториите на ДКЦ „Карпош“ на 6.03.2026 година во 10:00 часот.

